
На денешната средба со потпретседателката на германскиот Бундестаг, Ајдан Озогуз, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, изрази задоволство од оваа посета на наши пријатели од Бундестагот и истакна дека оваа посета е знак на континуираниот германски интерес за унапредување на соработката на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво.
„Сојузна Република Германија е наш силен поддржувач“, нагласи претседателот Џафери, „особено на нашиот пат кон евроинтеграциите и се надевам дека овој континуитет на интензивната соработка ќе продолжи и понатаму“.
Тој ја истакна нашата определба во рамките на НАТО алијансата рамноправно да учествуваме во сите активности со нашите партнери, вклучително и во контекст на Украина каде сме активно вклучени во обезбедувањето на помош за потребите на украинските институции.
„Целосно сме приклучени и на ЕУ во однос на наметнувањето на санкции на Руската Федерација“.
Претседателот Џафери потврди дека и понатака ќе продолжи поддршката што ја дава Собранието на ИПС програмата во чии рамки стипендистите кои престојуваат во Германскиот Бундестаг на обука и стажирање, одреден период поминуваат на пракса и во нашето Собрание.
Потпретседателката на германскиот Бундестаг, Ајдан Озогуз, изрази благодарност за оваа посета на нашиот законодавен дом и задоволство од позитивниот однос кон продолжување на поддршката на ИПС програмата. Се задржа и на моменталната ситуација на безбедносен план на Европскиот континент и во светот и изрази очекување за сите заедно во обединета Европа да го надминеме овој период на поделен континент. Истакна дека Германија силно ја подржува нашата земја за отпочнување на преговорите со ЕУ и дека верува дека и соседна Бугарија ќе ги преиспита своите чекори и одлуки.
На средбата се разменија мислења и околу застапеноста и перцепцијата на младите во политиката, како и за родовата застапеност и баланс, односно, учеството на жените во политиката и беше позитивно изненадена од нашето законско уредување на ова прашање кое го надминува и е над европскиот просек.
На крај, двајцата соговорници изразија согласност дека взаемната интензивна политичка комуникација ќе продолжи да се развива и во иднина.
Текстот Џафери се сретна со потпретседателката на германскиот Бундестаг: Сојузна Република Германија е наш силен поддржувач е превземен од МАКФАКС.