Состојбата со пожарите на отворен простор е исклучително алармантна. Само во текот на вчерашниот ден имаше 60 пожари, извести директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
– И покрај вчерашното интезивно гаснење 6 пожари на отворено гореа во текот на целата ноќ и се уште се активни. Во текот на викендот почнувајќи од петокот, заедно со сабота и недела имаше вкупно 116 пожари на отворен простор. Во текот на септември се регистрирани вкупно 778 пожари на отворен простор од кои 43 се гаснети со воздухоплови“, вели Ангелов.
Тој апелираше до сите земјоделци да не ги палат стрништата, а сточарите пасиштата.
„Сериозни врнежи нема подолго време и воедно не се очекуваат во следните десетина дена, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се сеуште високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите“, кажа директорот на ЦУК.
Ангелов апелираше и да сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна поддршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности.
„Пожари не се гаснат од воздух со ер трактори и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма. ЦУК ја проценува неопходноста од употреба на воздухоплови а доколку се употребат ги координира. Бројот на воздухоплови е ограничен а бројот на пожари секој ден е огромен“, соопшти Ангелов.
Во моментов има шест активни пожари од кои четири се поголеми и поопасни. До вечер ќе станат многу повеќе. Напоменувам дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар кој ги загрозува човечките животи, здравје и имот, додава тој.
Текстот Шест активни пожари, викендов вкупно 116 на отворен простор е превземен од МАКФАКС.