Во текот на вчерашниот неделен ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), добиени од институциите на Системот За управување со кризи (СУК), противпожарните тимови интервенирале на 52 пожари на отворен простор, некаде заеднички – здружени од повеќе општини и институции, а и со помош од месните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР, велат од ЦУК.
Утрово активни се четири пожари на отворено.
Во општина Македонски Брод, во пределот над село Белица гори ретка борова шума на тешко пристапен терен, во општина Велес, меѓу село Иванковци и село Мамутчево горела борова шума.
Во општина Сарај, кај село Кондово гори ниска вегетација, стрниште и мешана шума, огнот се прошири. Утрово веќе полета еден хеликоптер на МВР да гасне и тој веќе дејствува, а истовремено според извидувањето од воздух ќе биде проценето дали ќе се дејствува и со други воздухоплови, иако пожарникарите од земја го ставија утрово под контрола и нема загрозени населени места, велат од ЦУК.
– Конкретно, пожарот, вчера во 14.17 часот е пријавен, а пожарникарите од БППЗ на Град Скопје беа веднаш излезени и дејствуваа на терен со две возила и пет пожарникари. Попладне, по проширувањето на пожарот околу 16.35 часот, е побарана воздушна поддршка, но во тој момент повеќе немаше дежурни хеликоптери во МВР ниту противпожарни авиони „ер трактор“ на ДЗС. Пожарникарите беа на терен, а по полноќ, во 01:25 минути, директорот на ЦУК, Ангелов информираше дека се уште горат трева и грмушки, во секој момент се очекувало вечерта огнот да навлезе и во борова шума. Пожарникарите немаа пристап до огнот со нивните противпожарни возила, но беа распоредени на позиција од којашто можеа да ги заштитат куќите. Рано наутро во зависност од условите, беше планирано да бидат упатени два полициски хеликоптера со ведра за гаснење. Инаку четири екипи на БППЗ се уште се на терен и работат на гаснење на пожарот. Нема загрозени населени места. Според планот ако вечерва не биде изгаснат наутро ќе се ангажираат воздухоплови најрано што може во согласност со можности на ДЗС и МВР, утрово веќе еден хеликоптер полета за да гаси. Инаку, пожарот е утрово под делумна контрола, па по дејството на ангажираниот хеликоптер и неговото извидување ќе се процени дали има потреба од ангажирање и други хеликоптери, додаваат од ЦУК.
И во Општина Куманово се уште е активен пожарот кај село Шупли Камен, што во неколку наврати е повторно активиран, каде што гори ниска вегетација и стрниште.
Изгаснатите 48 пожари од 52 вкупно се на територијата на цела земја, конкретно, во општините: Петровец, Бутел, Студеничани, Илинден, Кисела Вода, Арачиново, Шуто Оризари, Аеродром, Сарај, Крушево, Битола, Прилеп, Василево, Босилово, Радовиш, Охрид, Кичево, Тетово, Гостивар, Велес, Штип, Кочани, Куманово, Старо Нагоричани и во Општина Ранковце.
Најмногу пожари имало во Општина Куманово, вкупно шест, каде што горела ниска вегетација и стрништа: кај село Тромеѓа, село Лојане, село Романовце, село Пчиња и кај село Ново Село – пет коишто се изгаснати, а шестиот пожар којшто е се уште активен е кај село Шупли Камен.
Текстот ЦУК: Четири активни пожари, хеликоптер на МВР го гаси пожарот кај Кондово е превземен од МАКФАКС.