Уставна тужба како инструмент за заштита на граѓаните, предлага Кацарска

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска учествува на регионална конференција во Будва, Црна Гора на која се дискутира за заштита на правата на приватност и улогата на уставните судови.

Во рамки на конференцијата Кацарска имаше свое обраќање на тема: „Улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во заштитата на приватната сфера на граѓаните” при што ја нагласи нужноста од воведувањето на уставната тужба и теоретски и преку конкретен пример со масовното прислушување.

Во својот говор Кацарска даде осврт и свое видување на уставните одредби кои пружаат заштита на човечкото достоинство, заштитата на приватноста од областа на семејниот и личниот живот.

„Пред Судот може да се иницира индивидуална постапка за заштита на одделни слободи и права од приватната сфера наведени во член 110 алинеја 3 од Уставот, како што се слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Тоа е постапка уредена со Деловникот на Судот, која започнува со поднесување барање за заштита од страна на граѓанин, за повреда сторена со поединечен правосилен или конечен акт или дејствие на носител на јавно овластување.

Меѓутоа, ваквата уставна заштита не е целосна, односно сеопфатна. Како пример може да се наведе случајот од пред неколку години, кога на јавноста во Република Северна Македонија ѝ беа презентирани докази за масовно кршење на приватноста на над дваесет илјади граѓани чија комуникација била неовластено прислушувана од страна на структури во Министерството за внатрешни работи. Притоа, преку овие нелегално прислушувани разговори имаше масовно кршење на слободите и правата од приватната сфера, заради што голем број граѓани трпеа последици.

За жал, поради ограниченоста на индивидуалната уставно-судска заштита само на одделни уставни слободи и права, овие граѓани беа лишени од можноста да се обратат пред Уставниот суд и да бараат заштита.

Во насока на надминување на ова, мојот став е дека преку уставна реформа со воведување на посебен инструмент – уставна тужба ќе се прошири опсегот на заштита на сите слободи и права од страна на Уставниот суд, утврдени со Уставот”, напомена Кацарска.

Регионалната конференција се одржува во периодот од 4 до 6 октомври 2023 година во Будва, со поддршка на германската фондација за правна соработка ИРЗ а меѓу учесниците присутни се: Штефан Пирнер, раководител на одделението на ИРЗ, д-р Удо Штајнер, поранешен судија од Сојузниот Уставен суд на СР Германија, како и претставници од уставните судови на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Покрај официјалниот наслов на дискусија, претседателката оствари и засебни средби со делегациите од другите земји на кои се споделија искуствата од практицирањето на уставната тужба/жалба во различните уставни судови.

Дополнително оваа тема е предмет на соработка и дискусија со германски експерти кои со поддршка од ИРЗ изработија студија за уставна жалба во Република Северна Македонија која ќе биде презентирана на регионална конференција.

Текстот Уставна тужба како инструмент за заштита на граѓаните, предлага Кацарска е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn