Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамки на Министерската конференција за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан која под шпанското претседателство со Советот на Европската Унија овие два дена се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со својот шпански колега министерот за внатрешни работи на Кралството Шпанија, Фернандо Гранде Марласка Гомез.
Спасовски истакна дека форумот во областа на правда и внатрешни работи претставува успешна традиција и дава значаен придонес на соработката помеѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан. Притоа, тој истакна дека соработката со Министерството за внатрешни работи на Кралството Шпанија се одвива во духот на традиционално добрите пријателски односи.
Спасовски иницираше разгледување на можноста за склучување на билатерален Договор за полициска соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Кралството Шпанија.
„Ја истакнувам заложбата на македонското Министерство за внатрешни работи да продолжи со реализирање на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Тие заложби се за одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупција, владеење на правото, јакнење на јавната безбедност и натамошна професионализација на припадниците на полицијата. Заради сите овие приоритети, повторно ја истакнувам важноста за потпишување на ваков Договор за полициска соработка меѓу нашите две Министерства кој ќе придонесе за унапредување и промовирање на меѓународната соработка на билатерално ниво, а се со цел поефикасно делување во сузбивање на меѓународните опасности по јавната безбедност”, рече тој.
Од страна на министерот Гомез беше истакната посветеноста на Шпанија во продлабочување на соработката меѓу двете земји во борбата против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со дрога, трговијата со луѓе и други сериозни манифестации на криминал.
„Треба да им дадеме нова димензија на односите меѓу нашите земји за прашања од големо значење за нашите граѓани и на тој начин, ефективно да придонесеме за безбедноста и заштитата на основните права“, беше истакнато од страна на министерот Гомез.
На средбата беше донесен заклучок дека продолжува идната соработка, а покрај склучување на билатерален договор за полициска соработка меѓу двете земји, стана збор и за состојбата со илегалната миграција и се покренаа прашања за иницирање посебни заеднички проекти за унапредување на размената на оперативни сознанија, информации и податоци за сите области на криминал, особено за тероризам како и зајакнување на институционалните механизми и градење капацитети за вклучување на родовата перспектива во креирањето политики, програми и лидерство.
Текстот Спасовски и Гомез: Заеднички заложби за одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупција е превземен од МАКФАКС.