Во текот на вчерашниот ден од страна на полициските службеници од ОВР Крушево при СВР Битола, беше спроведена едукативна работилница во Основното училиште „Кирил и Методиј“ во село Бучин на тема „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, како дел од превентивниот проект „Безбедно од дома до училиште“, извести МВР.
Eдукативната работилница беше спроведена со ученици од прво одделение од училиштето на кои им беше одржана соодветна наменски подготвена презентација за значењето на сообраќајните знаци, за хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација, како и за правилата за преминување преку раскрсница, а со цел заштита на децата како најранлива категорија во сообраќајот.
На учениците им беше поделен соодветен едукативен печатен материјал, а беше и одржана трка под мото „Трчај до победа“. Во Демир Хисар и Ресен пак полициските службеници од ОВР Демир Хисар и ОВР Ресен реализираа превентивна активност во насока на заштита на шумите од пожари и бесправна сеча, при што граѓаните беа информирани околу законските санкции со коишто може да се соочат во поглед на неодговорното и незаконско однесување, соопшти МВР.
Вчера и учениците од Основното општинско училиште „Димка Ангелов Габерот“ од село Ваташа го посетија ОВР Кавадарци. Полициски службеници од Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Велес во содејство со полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Кавадарци, во просториите на ОВР Кавадарци беа нивни домаќини и се дружеа со учениците.
Во рамки на „Светската недела на детето“ беше реализиран – „Отворен ден со полицијата“ каде што на учениците им беа презентирани основните информации поврзани со улогата и задачите на униформираните полициски службеници, а дополнително децата имаа можност и да се запознаат со основните материјално-технички средства што полицијата ги користи во секојдневното извршување на работните задачи, се додава во соопштението на МВР.
Текстот Реализирани бројни превентивни и едукативни активности во рамки на СВР Битола и СВР Велес е превземен од МАКФАКС.