Петровска: Го реформираме системот за кризен менаџмент, кој ќе ги вклучи и доброволните противпожарни друштва

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Местото и улогата на доброволните противпожарни друштва и нивниот развој во една силна, стабилна и одржлива мрежа, чија цел е да го унапредат системот за кризен менаџмент, е темата на која говореше министерката за одбрана Славјанка Петровска на затворањето на конференцијата за развој на мрежа на доброволни противпожарни друштва во Северна Македонија.

Министерката Петровска посочи дека пожарникарите доброволци се повеќе од хумани, храбри и несебични и дека борбата со природните непогоди, вклучувајќи ги и пожарите е можна само ако сме заедно, добро координирани и подготвени.

„Секој сам, колку и да е способен како поединец, во такви ситуации може да направи многу малку, но сите заедно, со добра координација и подготовка, можеме да спасиме човечки животи, да спречиме материјална штета или да превенираме поголема еколошка катастрофа. Вие дури и во овие денови кога се подготвувавте за конференцијата бевте да гаснете пожари во околината на Велес и Свети Николе и благодарение на брзата реакција беше спречено нивно проширување и поголема катастрофа“, рече министерката.

Петровска посочи дека еден од приоритетите на Министерството е и реформата на системот за кризен менаџмент и цивилна заштита, со која ќе бидат надминати сите слабости и доброволните противпожарни друштва ќе го добијат статусот што го заслужуваат.

„Една од моите најсериозни заложби како министерка е и реформата на системот за кризен менаџмент и цивилна заштита, а една од целите на реформата е токму доброволните противпожарни друштва, доброволните друштва вклучени во цивилната заштита и управувањето со кризи, да бидат препознаени и потпомогнати од системот, како двигатели на цивилната заштита и најдобри познавачи на своите локални заедници“, истакна министерката.

На конференцијата беа споделени позитивни практики од Австрија, Словенија и Хрватска во доменот на правните можности и местото и улогата на доброволните противпожарни друштва во системот на локална и централна противпожарна заштита.

Текстот Петровска: Го реформираме системот за кризен менаџмент, кој ќе ги вклучи и доброволните противпожарни друштва е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn