Фиксна давачка за пристап до мрежата во текот на цела година ќе плаќаат оние корисници кои имаат куќи, станови и викендички во кои не живеат постојано, но кога и да отидат имаат струја, а за тоа плаќаат сите останати. Со новата методологија, пак, поскапа струја ќе плаќаат и оние кои дома трошат колку што троши една фабрика. Вака министерот за економија Крешник Бектеши ја објасни цената на струјата за различни корисници од почетокот на следната година.
Тој уверува дека корисниците кои се сместени во првиот и во вториот блок, на кои отпаѓа околу 50 отсто од потрошувачката на струја, нема да има промена на сметката што би значела поскапување миту со воведувањето на давачката за пристап до мрежа. Може сметката да им се намали оти ќе имаат можност да ја користат дневната евтина тарифа. За разлика од нив, министерот вели дека ако лично тој се прашува, корисниците од четвртиот блок треба да добијат максимално зголемување на цената на струјата.
„Ако јас лично се прашувам, струјата за четвртиот блок корисници ќе биде зголемена максимално со цел да се покријат првиот и вториот блок имајќи го предвид животниот стандард на нашите граѓани. Тие што се во четвртиот блок, мислам дека немаат никаква потреба да бидат поддржани од страна на државата. Ние не треба да поддржиме граѓани кои имаат големи приходи и трошат колку што троши една фабрика во нивните домаќинства. Ние треба да го направиме спротивното, тие граѓани треба да плаќаат согласно пазарот и секако да плаќаат за тоа што трошат. Имаме домаќинства кои имаат речиси низ цела Македонија станови, викендички. Тие кога и да одат таму имаат електрична енергија, а во делот на цената на дистрибутивната мрежа го плаќаме ние кои секојдневно живееме во нашите домови“, рече министерот Бектеши.
Барањето за поскапување на струјата за 27 % од МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО министерот извести дека најверојатно нема да биде прифатено, но конечната одлука ќе ја донесе регулаторната комисија за енергетика.
Текстот Оние со викендички и станови насекаде низ Македонија и оние кои дома трошат струја како за една фабрика, ќе плаќаат повеќе од први јануари, најави Бектеши е превземен од МАКФАКС.