Велешкото Обвинителство оформи предмет по допрен глас за да се проверат информациите дека негувателка во детската градинка „Димче Мирчев“ Велес им давала да пушат електронска цигара на децата од нејзината група.
„Во насока на испитување на евентуални основи на сомнение за кривично дело на запуштање и малтретирање дете, надлежен јавен обвинител издаде наредби и насоки до МВР за преземање на дејствија кои вклучуваат да се извршат разговори со лица (вработени и родители) кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот“, извести Обвинителството.
Се преземаат и други дејствија, а предметот е во фаза на предистрага.
Претходно родители на неколку деца тврдеа дека негувателката им понудила на децата да пробаат од нејзината електронска цигара. Директорката на градинката потоа изјави дека негувателката е суспендирана и за неа се води дисциплинска постапка. Од друга страна, како што беше објавено, негувателката во писмениот исказ изјавила дека настанот се случил ненамерно и дека децата посегнале по цигарата без нејзино знаење, која сепак била оставена на дофат. Останува Обвинителството да истражи.
Текстот Обвинителството оформи предмет за негувателката што им давала на децата да пушат електронски цигари е превземен од МАКФАКС.