Преку различните транспортни канали, во текот на вчерашниот ден 20 наши државјани го напуштиле Израел, додека бројката на пријавени граѓани кои сакаат да заминат надминала 100, информираше Министерството за надворешни работи (МНР) за ситуацијата во Израел откако Хамас го изврши ненадејниот напад во саботата.
„Неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни; нашата амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома“, соопштија од македонското МНР.
Од министерството додаваат оти изготвиле детална анализа и проекција на сите можности кои ќе ги презентираат пред Владата, која потоа ќе одлучува за натамошните чекори кои ќе бидат преземени.
Како што соопшти МНР и претходно, според проценките на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат помеѓу 100 и 200 наши државјани. Повеќе од половина од нив биле прецизно мапирани и редовно се одржувало контакт со нив.
Од министерството додаваат оти безбедносната состојба во Израел сѐ уште останува сложена.
„Состојбата во и околу Тел Авив, како и поголемите градови во Израел и делот на Западниот брег иако без воени операции останува напната. Меѓународниот аеродром во Тел Авив е во целосна функција и од таму сѐ уште оперираат редовните комерцијални летови, како и посебните чартер летови; но бројни авиокомпании низ светот во најголем дел ги одложија редовните линии со што редовниот авиопревоз е отежнат“, велат од МНР.
Од таму уште еднаш ги повикаа сите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.
Текстот МНР: Безбедносната состојба во Израел сложена, 20 македонски граѓани ја напуштиле земјата е превземен од МАКФАКС.