Фудбалерот на Баерн Томас Милер е новиот рекордер во Бундеслигата по бројот на постигнати победи. Стигна до својот 323. триумф против Мајнц и со тоа го престигна соиграчот, голманот Мануел Нојер.
Баерн го совлада Мајнц со резултат 3:1. Милер на теренот влезе во 88. минута наместо Кингсли Коман.
34-годишникот го достигна рекордот и покрај малку побавниот почеток на сезоната, со оглед на тоа дека неговото опоравување од повредата на колкот траеше извесно време.
Блиску до враќање е и Нојер, кој неодамна почна да тренира откако ја скрши ногата во текот на зимата.
„Сè уште не сум готов“, изјави Милер.
Милер стигна до својата 323. победа во 449. настап во Бундеслигата, додека Нојер славеше 322 пати на вкупно 478 натпревари. Томас е блиску до рекордот за најмногу натпревари во дресот на германската репрезентација, кој во моментов го држи Лукас Подолски. Фудбалерот на Баерн моментално има 125, а Полди 130.
Напаѓачот кој целата своја кариера ја мина во Баерн е дел од историјата на Бундеслигата и благодарение на другите достигнувања: освои најмногу титули наменети за шампионот на Германија, 12 од кои 11 по ред.
Неодамна стигна до својата 100-та победа во Лигата на шампионите, против Манчестер јунајтед. Тоа претходно им успеа само на Кристијано Роналдо и Икер Касиљас.
Текстот Милер е најуспешниот фудбалер во историјата на Бундеслигата е превземен од МАКФАКС.