Левицата: Политичката и судската елита со урбанистичката мафија го бетонизираат Центар

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Собрани сме пред некогашната фабрика „Треска“, на место на кое политичката и судската елита, во спрега со интересите на урбанистичката мафија – го задаваат последниот удар на Општина Центар и воедно градот Скопје – со изградба на бетонско чудовиште во спротивност на јавниот интерес, велат од Левица.

Минатата недела, според нив, Уставниот суд, „под водство на Кацарска, ја отфрли иницијативата за преиспитување на овој ДУП – одлука, со која се бетонизира последниот слободен простор во центарот на Скопје и се крунисува плодната соработка помегу големите партии, судството и предаторските бизнис интереси – во овој случај, на градежните компании “Голден Арт” и “Мега Акустик”.

Ова, како што велат, е еден во низата примери, кога Уставниот суд во Македонија ги штити интересите на градежните компании – „потсетуваме за скандалозната одлука, со која се укина мораториумот за градба и се легализираше бетонизацијата општина Центар“.

„Во овој конкретен случај, на спорната денационализација се надоврзува и незаконското располагање со имотот на стечајниот управител, што води до загуба на милионски суми за Општина Центар и Град Скопје. Додека минатата година, повторно сведочевме како на спорни локации, околу кои се водат дебати и истраги, неочекувано избиваат пожари кои претходат на градежни активности. Затоа, сега ни се поставува прашањето дали овој пожар беше случаен или добро организиран?“, прашуваат од Левица.

Додаваат дека Герасимовски и СДСМ, „како секогаш водени од своите лукративни побуди и искривени политички приоритети, иако имаат одговорности и овластувања, не иницираа носење на нов Детален урбанистички план, како што се предвидува – со што се обидуваат да го легализираат грабежот и градежните активности на овој простор“.

Левица, како што велат, застанува во одбрана на јавниот интерес на жителите на Центар и Град Скопје. „Се попречуваме на патот на самоволието на бизнис интересите. Советничката група на Левица во Општина Центар ќе иниситира на изработка на нов ДУП како и на времена мерка за забрана на градежни активности и издавања на одобренија за градба во периодот на пресистражната постапка водена од Јавното обвинителство”, посочуваат од оваа партија.

Текстот Левицата: Политичката и судската елита со урбанистичката мафија го бетонизираат Центар е превземен од МАКФАКС.