По августовскиот обид, насилно и незаконски да се оформи паралелка на албански наставен јазик во велешката гимназија „Кочо Рацин“ (составена од ученици со помал број бодови отколку што е предвидено со Конкурсот за упис), министерот Шаќири не се откажува од своето самоволие. Овој пат на удар е економското училиште „Јовче Тесличков“ во Велес. Иако во конкурсните услови е прецизно предвидено дека за упис во гимназија, како и во паралелки од здравствена и економска струка неопходно е учениците да имаат најмалку 60 поени, министерот дал согласност во училиштето да се изврши упис на ученици кои имаат и под 40 поени, реагираат од Левицата.
Оваа незаконска одлука, како што велат, на најнеспособниот министер за образование на вчерашната седница на Советот на општина Велес доби зелено светло.
„Советниците на криминалната оска ДПМНЕ-ДУИ-СДСМ се ставија на страна на беззаконието што го промовира министерот Шаќири и гласаа ЗА оформување ваква паралелка.
Советниците од Левицата гласаа ПРОТИВ и денес ќе поднесат пријави до Државниот просветен инспекторат и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи ваквото самоволие ги става во понеповолна ситуација сите ученици кои биле одбиени за упис во споменатата струка“, се истакнува во реакцијата на Левицата.
Јавно го прашуваат Мицкоски: „Какви заткулисни договори преговара со квинслишките партии на СДС и ДУИ и што ќе добие за возврат за легитимирањето на ваквата штетна и незаконска одлука?“
Според нив, уште еднаш се потврдил ставот на Левицата дека овие три партии се здружени во рушењето на македонската државотворност и дека сите заеднички сносат одговорност за бришењето на конститутивните елементи на Републиката.
Текстот Левицата: Коалицијата СДС-ДПМНЕ-ДУИ изгласа незаконска албанска паралелка во Велес е превземен од МАКФАКС.