Антонио Конте, славниот италијански тренер изјави дека жали што своевремено го напуштил Јувентус.
Во специјалното интервју за државната телевизија РАИ, кое ќе се емитува во вторник, на 17 октомври, тој зборуваше и за уште други работи, делови од интервјуто пренесоа одредени медиуми како „Кориере дел Сера“.
На прашањето за кој клуб што морал да го напушти најмногу жали, без многу размислување одговори.
„Јувентус по три години. Видов големи проблеми во малите работи и решив да си заминам“, изјави Конте.
Тој го предводеше Јувентус до три последователни титули помеѓу 2011 и 2014 година, кои беа први за клубот по скандалот Калчополи.
Конте неодамна имаше разговори со челниците на Наполи, но одби да го замени Руди Гарсија. Сепак, тој додаде дека би сакал еден ден да биде тренер на Наполи и Рома.
„Тоа се два клуба кои би сакал да ги водам поради страста на навивачите. Се надевам дека еден ден ќе имам шанса и јас да го имам тоа искуство. Не преземам работа во текот на сезоната, бидејќи имате ситуации кои се креирани пред да дојдам“.
Има свое мислење и за заминувањето на Роберто Манчини во Саудиска Арабија.
„Не сакам да разговарам за тоа, од Саудиска Арабија испратија понуда до Манчини и други тренери, вклучувајќи ме и мене, но јас ја одбив“, откри Конте.
Претходно тој беше во центарот на вниманието поради честите вербални конфликти со Жозе Мурињо. Тој откри и што му кажал еднаш.
„Му реков, ќе се видиме во мојата канцеларија. Доаѓам од улица, не го заборавај тоа“, изјави Конте.
Текстот Конте: Жалам што го напуштив Јувентус е превземен од МАКФАКС.