Ковачевски тврди дека Владата го штити стандардот на граѓаните: „Имаме најниско ДДВ во Европа“

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Имаме држава со најниска стапка на ДДВ од 18 проценти, и најширока листа на производи за секојдневна употреба кои се на повластена стапка од 5 проценти. Вака премиерот Димитар Ковачевски ја правда одлуката за покачувањето на ДДВ-то за луксузни производи, меѓу кои се најдоа и цвеклото, лутеницата, чаевите.

Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања денес рече дека ДДВ-то во нашата држава е најниско во споредба со земјите од регионот и во споредба со сите држави во Европската Унија.

„Ние имаме 18 отсто основна стапка на ДДВ, Србија има 20 отсто, Грција 21, Хрватска 25, Албанија 20 отсто, што значи дека сите имаат повисока основна даночна стапка од нашата“, рече Ковачевски кој денес присуствуваше на настанот „Вкуси ја традицијата – Втор национален саем за храна и пијалаци“.

Премиерот додаде дека ако се погледне листата на повластени производи со 5 отсто данок, тука спаѓаат 1.600 такви производи кои имаат гарантирани цени и се произведуваат во нашата држава.

Листата е направена на начин што го штити стандардот на граѓаните, рече Ковачевски и заклучи дека Владата не дозволила зголемување на цената на струјата, парното греење, ниту пак, енормно зголемување на цената на прехранбените производи.

Ковачевски изрази уверување дека на крајот ќе се дојде до она што било проектирано, а тоа е 5 проценти инфлација којашто ќе биде на ниво на едно од пониските во регионот и во Европа.

Прашан дали ќе има ревидирање на листата, Ковачевски рече дека ако постојат производи, односно ако има две-три такви кои претставуваат количина и се користат на секојдневна основа можат да се разгледаат. Сепак, уверува премиерот, листата е детално прегледана во инклузивен процес и сите производи што се повластена стапка од 5 проценти се оние кои во најголем дел се користат од нашите граѓани во нивната секојдневна употреба, а тука не се само производи во прехранбената индустрија.

Со новата владина одлука што вчера стапи во сила, се зголемува ДДВ на повеќе производи, меѓу кои се замрзнатите теста, лутеницата, цвеклото, фефероните, мајонезот, дел од тестенините, храната за децата, овесните снегулки, сладоледот, чипсот, чаевите, тропското овошје.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вчера не кажа зошто ајварот останува со 5 отсто, а лутеницата со 10 отсто. Тој не сакаше да навлезе во дефиницијата што е луксуз. Рече дека може да е пропуст и дека за десетина производи нема проблем да се направи измена.

За чипсот, гумите за џвакање, сладоледот, тој рече оти спаѓаат во категоријата нездрави производи затоа што имаат повисока шеќерна вредност и не смета дека е основен прехранбен производ.

За цвеклото како здрава храна и е со 10 отсто, Битиќи додаде дека ќе се ревидира. Тој објасни дека ако има некакви пропусти, на следната седница на Владата ќе бидат решени.

Текстот Ковачевски тврди дека Владата го штити стандардот на граѓаните: „Имаме најниско ДДВ во Европа“ е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn