Македонската банкарска асоцијација се приклучува на апелите за внимание околу актуелната кампања за smishing (SMS phishing) за корисниците на платежни картички.
„Согласно искуството кое клиентите го пријавуваат, до нив стигнува СМС порака на македонски јазик од SMSinfo во врска со „погрешна адреса“ на пратка заедно со линк кој води до лажна веб страница наменета за нелегално преземање на податоци за картички и други лични податоци“, информираат од Македонската банкарска асоцијација.
При користење на платежните картички на интернет, како што појаснуваат, постојат неколку задолжителни проверки кои мора да бидат направени:
„Веб страницата треба да биде безбедна (да има иконка катанец пред името);
Проверка на називот на веб страницата (посебно делот после точката дали е логичен или намерно направен да ве измами);
Користете сигурна интернет конекција (по можност приватна);
Доколку се сомневате во веродостојноста на понудата не внесувајте детали од картичката (на пр. телефонски уред за 1 денар, сместување за неверојатно ниски цени, бесплатен авионски билет и сл.);
Проверувајте ја состојбата на вашите платежни сметки поврзани со картичките редовно и поставете си лимити за користење на картичките преку интернет“.
„Сите можни злоупотреби веднаш да пријавете ги во вашата банка и во надлежните институции“, апелираат од Македонската банкарска асоцијација.
Текстот Задолжителна проверка пред користење на платежните картички на интернет, апелира Македонската банкарска асоцијација е превземен од МАКФАКС.