Димитриевски: Македонија се трансформира во приватна држава, треба да се ослободи

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

„Живееме во екстремно централизирана држава каде што локалните власти немаат големи можности за да манифестираат и реализираат сериозни проекти бидејќи парите генерално се централизирани во државата, а централната власт максимално од ден во ден ги злоупотребува со голем број на афери коишто се секојдневие и сметам дека треба да се влезе во процес за да се ослободи државата. Македонија во моментов се трансформира во приватен облик на владеење, приватна држава”, изјави градоначалникот на Општина Куманово и лидер на новиот политички субјект „ЗНАМ-За наша Македонија“, Максим Димитриевски.

Според Димитриевски, загрижувачки е фактот што Македонија како држава се претвори во апартхејд и токму поради начинот на владеење од актуелните политички структури.

„Гледате дека сега во последниот период се употребува зборот апартхеид, Македонија всушност живее во еден политички апартхеид каде што политичката елита којашто владее и е на власт во моментов, всушност ги ужива сите права, додека сите останати не ги уживаат истите права како и власта”, дополнува тој.

По официјалното потпишување на иницијативата за формирање на политичкиот субјект, Димитриевски вели дека одржале основачко собрание, ги предале потребните документи пред надлежен државен орган за регистрација на субјектот, процес којшто сеуште трае поради неажурноста на институциите.

„Како и вообичаено што одат нештата, секогаш одат споро во Македонија. Чекавме еден месец за официјален одговор од министерство за правда дали можеме да го користиме името Македонија во регистрација на партијата, меѓутоа не добивме конкретен одговор. Поднесовме документи пред надлежен суд и сеуште чекаме одговор, но како и да е, ние веќе се чувствуваме како политички субјект којшто е поддржан од граѓаните. Излеговме со билборди да ја запознаеме јавноста со нашиот слоган, да ја запознаеме јавноста со брендот, името на партијата и продолжуваме активно да работиме на терен, да се организираме и да формираме општинска организација во секоја урбана, урбано-рурална и рурална средина на територија на Македонија“, истакнува тој.

Додава дека неговите ставови се левичарски, особено во делот на економските и социјалните политики во државата, а што се однесува до националниот пристап, порачува дека тие одат кон центарот, повремено и десно, бидејќи како што вели, на никој не му е забрането да биде патриот.

„Тоа што некои го изедначуваат патриотизмот со национализам е нивен проблем. Мојот став е дека сме Македонци со свој јазик, историја и култура. Елементарната поставеност на ЗНАМ ќе биде на крушевските и асномските корени и тоа е суштината за постоењето на оваа држава. Основната цел сега ни е да излеземе на следните парламентарни избори, да ја дадеме нашата политичка понуда на граѓаните, а крајниот епилог ќе го видиме на изборите и после тоа. Граѓаните ќе имаат можност да одлучат“, порачува лидерот на политичкиот субјект „ЗНАМ“, Максим Димитриевски.

Текстот Димитриевски: Македонија се трансформира во приватна држава, треба да се ослободи е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn