Грковска: Приоритет е сите да се вложат во целосно спроведување на стратегијата за борба против корупцијата

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Членовите на меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата денеска одржаа работен состанок во пресрет на конститутивната седница. На состанокот беше споделен нацрт-текстот за Деловникот за работа на ова тело и беше договорена забрзана динамика на работа во наредниот период. Меѓуресорското тело се формира со одлука на Владата на Република Северна Македонија во јули годинава и со него претседава заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Истакнувајќи ја потребата од посветен пристап на сите надлежни институции за да се добијат посакуваните ефекти, вицепремиерката Грковска посочи дека во напорите да се подобри соработката на органите од оваа област појдовна точка секогаш треба да биде националната стратегија за борба против корупцијата. Притоа, како што нагласи таа, еден од најголемите предизвици на ова тело ќе биде забрзана и доследна имплементација на стратегијата имајќи го предвид досегашниот низок степен на реализација.

Во таа насока, на првата официјална седница на меѓуресорското тело, покрај донесување на усогласениот Деловник, ќе се разгледува и новиот акциски план за националната стратегија за борба против корупцијата (2021-2025), кој е подготвен од Државната комисија за спречување на корупцијата и во моментот е во постапка пред Собранието на Република Северна Македонија. Ова тело ќе дефинира чекори за негова целосна имплементација во наредните две години.

Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата се формира за јакнење на меѓуинституционалната соработка и координација на активностите за: креирање политики за унапредување на превенцијата и борбата против корупцијата, вклучително и за обезбедување техничка поддршка; спроведување мерки и активности предвидени со национални или меѓународни стратешки или програмски документи, усогласено собирање и обработка на податоци за следење на состојбите со корупцијата и обезбедување придонеси за подготовка на извештаи и други материјали за известување меѓународни организации и тела во врска со имплементацијата на препораки и стандарди од областа антикорупција.

Во телото учествуваат претставници на Јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, Бирото за јавни набавки, Агенцијата за управување со одземен имот, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Република Северна Македонија во Совет на Европа – група на држави против корупцијата.

Текстот Грковска: Приоритет е сите да се вложат во целосно спроведување на стратегијата за борба против корупцијата е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn