Грковска – Перебијнис: Украина е пријателска земја и секогаш може да смета на поддршката од Северна Македонија

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се сретна со заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Јевген Перебијнис, кој деновиве е во посета на земјите од регионот. Вицепремиерката Грковска изрази поддршка за украинските граѓани во справувањето со руската воена агресија врз Украина и борбата за зачувување на територијалниот интегритет на државата. Таа нагласи дека Украина е пријателска земја која секогаш може да смета на поддршката од Северна Македонија.

Заменик-министерот Перебијнис се заблагодари за постојаната поддршка од нашата земја, која ја сметаат за клучен партнер од Западен Балкан, истакнувајќи дека за нив е непроценлива помошта во воена опрема, приклучувањето на нашата држава кон санкциите за Русија и поддршката за евроатланските аспирации на Украина. Перебијнис истакна дека Украинците не се борат само за својата земја, туку и за заедничките вредности и безбедноста на цела Европа.

Иако главната цел на Украина во моментов е победа над агресорот, Перебијнис нагласи дека зачленувањето во Европската Унија е дел од врвните приоритети на неговата држава и истакна дека интегративниот процес е уште една можност за јакнење на соработката меѓу двете земји. Во таа насока, на состанокот беа споделени искуства околу исполнувањето на европските критериуми за членство и реформите кои целат кон подобар стандард за сите граѓани и за целото општество. Вицепремиерката Грковска информираше за политиките за добро владеење кои ги спроведува кабинетот со кој раководи и му честиташе на украинскиот владин претставник за тоа што во време на војна земјата успеа да воспостави посебни институции за борба со корупцијата.

Текстот Грковска – Перебијнис: Украина е пријателска земја и секогаш може да смета на поддршката од Северна Македонија е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn