„Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето“ – Ангелов е за отстрел само на опасни мечки и бара МВР да го расветли случајот во Пласница

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Центарот за управување со кризи поднесе барање до МВР за расветлување на нападот од мечка врз 76-годишно лице.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека кога ќе бидат утврдени сите околности од овој напад, МВР треба да собере детални информации за мечката и потоа да се побара од Министерство за земјоделство и Министерството за екологија да извршат проценка дали се исполнети условите за отстрел.

Ангелов повтори дека ЦУК е против убивање на мечките, но во случај на појава на опасна мечка што нападнала човек и постои опасност повторно да го направи истото, тие ја покренуваат процедурата пред надлежните министерства.

„Ние како ЦУК сме против убивање на мечките, ние сме против нивно застрелување. Тука зборуваме за опасни мечки кои нападнале човек. Ги сакам мечките, но повќе ги сакам луѓето. Ако некоја мечка нападнала човек и постои опасност пак да нападне, јас сум на став дека треба да биде застрелана“, рече Ангелов.

Според информациите, во последните десетици години досега не бил регистриран напад од мечка, па затоа ЦУК бара расветлување на случајот од страна на МВР.

„Вчера лично зборував со човекот. Беше преплашен. Сакаме да дознаеме што точно се случило, зошто мечката го нападнала бидејќи факт е дека нападот не бил многу сериозен. Ако мечката сериозно го нападнала ќе имаше многу посериозни последици. Можно е мечката да била исплашена бидејќи било ловен ден. Имало истрели од ловците, можеби бегала исплашена, налетала на него, го удрила, бидејќи по неговите кажувања само го турнала со шепите. Потоа го гризнала за слабините, но не силно, бидејќи раните се релативно плитки и мечката веднаш побегнала. Можеби се работи за несреќен случај кога во погрешно време се нашол на погрешно место. Дополнително институциите ќе испитаат дали се работи за агресивна мечка“, рече Ангелов.

Прашан дали има стручни лица за дислоцирање на мечките од Марвово и Ростуше, Ангелов рече дека има доволно лица, иако не е голема бројка, а во стручноста не се сомнева. Сепак, Ангелов оцени дека постапката за успивање на мечките е комплицирана и тешко е да се определи дозата.

„Нашата цел не е да ги убиеме мечките туку безбедно да бидат пренесени на друго безбедно место каде нема да сметаат никому“, рече Ангелов.

Aнгелов објасни дека постои можност некои од мечките кои би биле заловени на овие подрачја каде што ги има премногу да бидат дислоцирани онаму каде што овие животни се истребени. Се поставува прашањето, вели Ангелов, како ќе реагираат жителите каде што овие мечки би биле пуштени на слобода, а не научиле да живеат со мечки, па затоа неопходен е сеопфатен план.

Текстот „Ги сакам мечките, но повеќе ги сакам луѓето“ – Ангелов е за отстрел само на опасни мечки и бара МВР да го расветли случајот во Пласница е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn