Претседателот Стево Пендаровски се обрати по повод отворањето на 51. Европска конференција на млади инженери, чиј домаќин по втор пат е Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија.
„Слоганот на годинaшната конференција е: „Поврзување на патеките на инженерите“. Во овие зборови е содржана суштината на вашата работа, затоа што инженерството е умешност на изнаоѓање решенија за практичните проблеми преку она што фигуративно го нарекуваме, поврзување на точките. На инженерите, уште во најстари времиња, им била доверена задачата да градат патишта што ќе ги поврзуваат градовите, со цел, развој на тие цивилизации.
Во основа, вие тоа го правите и денес. Со таа разлика што патиштата што ги правите не се нужно од камен, бетон или асфалт, туку се и дигитални коридори од оптички кабли и безжични сигнали. Во модерни времиња, тоа се клучните патишта за трансфер на податоци, знаења, идеи и технологии од кои зависи развојот на економиите во дигиталната ера“, рече Претседателот.
„Инженерските патеки не секогаш се предвидливи и можат да водат до неочекувани научни, технички и технолошки пробиви. Ќе споменам само два примера. Во 1957-та, двајца дизајнери конструираа направа која била напојувана од сончева енергија и на шега ја нарекле „соларната машина што не прави ништо“. Денес, соларната енергија е клучна за одржливиот развој и за зелената трансформација на економиите. И македонскиот енергетски систем сè повеќе се ориентира кон искористување на соларниот потенцијал.
Второ, пред помалку од една година малкумина знаеја за ChatGPT. Денес, моделите на вештачка интелигенција што генерираат содржини се наше секојдневие и стануваат незаменливи во многу сектори.
Непредвидливите инженерски патеки се резултат на храброста и креативноста на инженерите кои се осмелуваат да излезат од комфорната зона на својата потесна струка за да ги комбинираат идеите и концептите од различни научни дисциплини. Од интердисциплинарноста произлегоа социјалните мрежи, роботиката, 3Д печатењето, системите за обновлива енергија, биоинженерството, паметните градови, градежни и инженерски потфати што ги надминуваат и најхрабрите замисли на футуристите“, додаде Пендаровски.
Конференцијата на тема „Поврзување на патеките на инженерите“ се одржува од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ), под покровителство на претседателот Пендаровски.
На отворањето на конференцијата се обратија и претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, претседателката на Клубот на млади инженери, Тина Манолева и претседателот на Европските млади инженери, Пол Џенкинсон.
Текстот (Видео) Пендаровски: Непредвидливите инженерски патеки се резултат на храброста и креативноста на инженерите е превземен од МАКФАКС.