Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“, но и „демократски вредности со кои се пробиваат границите за еднакви можности за жените како докажана заложба на СДСМ.
Милена Стевановиќ во својот дел на изјавата истакнува дека „СДСМ, Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и другарите социјадемократи се оние кои со знаење и капацитет можат да ја придвижат земјата напред“.
„Нам ни требаат луѓе како Бојан. Со исклучително познавање на институциите на ЕУ, со чиста и прогресивна мисла, вистински современи патриоти кои додека ја внесуваат земјата во ЕУ го штитат и промовираат македонскиот идентитет“, истакнува Стевановиќ.
Tаа ги повикува сите македонски демократи „во среда на 8 мај сите кои се за подобра, современа и демократска Македонија да го заокружат бројот 1 за европска Македонија“.
Бојан Маричиќ ја посочува Милена Стевановиќ како „претставник на прогресивното женско движење“.
Маричиќ порачува дека со Стевановиќ, Македонија и македонското општество ќе имаат „напредок на полето на јавното здравје, на полето на женското здравје и машкото здравје“.
„На Собранието и треба Милена Стевановиќ, врвен професионалец кој го предводеше целиот тим на инфективната криза за време на пандемијата од ковид и која во исто време се докажа како храбар и непоколеблив борец за постојано унапредување на правата на жените“, истакнува Маричиќ.
Порачува дека е важен гласот на жените, девојките, демократи и демократки.
„Вашиот глас за СДСМ и за Милена Стевановиќ на овие избори е глас за жените како еднаква силна движечка сила на општеството“, нагласува Маричиќ во заедничката изјава со Милена Стевановиќ, како кандидати за пратеници на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина во изборната единица 1.
Текстот (Видео) Маричиќ-Стевановиќ: На Собранието му требаат современи патриоти и борци за еднаквост, права и слободи е превземен од МАКФАКС.