(Видео) Арсовска четирипати распишала оглас за партиципативното тело за ГУП што не e нејзина надлежност и трипати го поништила

Последни новости

Facebook
Twitter
LinkedIn

Дури четирипати градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, иако не е нејзина обврска, распишувала огласи за формирање на партиципативното тело кое треба да го следи процесот на подготовка на новиот генерален урбанистички план (ГУП) за Скопје. Тој доцни веќе една година оти претходниот беше усвоен за периодот 2012-2022 година, но останува да важи се до усвојување на нов план, за кој активностите се уште се во подготвителна фаза. Формирањето на партиципативното тело е само една од алките во синџирот обврски за усвојување на новиот ГУП која треба да се заврши во подготвителната фаза оти токму ова тело треба да учествува во одобрување на секоја следна фаза.

Три од огласите кои ги распишала градоначалничката за партиципативното тело се веќе се поништени, а за четвртиот се бара начин на кој ќе биде најсоодветно да се поништи. Градоначалничката Арсовска не сака да даде објаснување зошто ги распишува па ги поништува огласите, не одговара на прашањата од  „Макфакс“, но за постапката со огласите ја известила Комисијата за верификација во Советот на Скопје, а Комисијата е далеку потранспарентна. Претседателката на Комисијата за верификација, Марија Андоновска од ВМРО – ДПМНЕ во детали опишува дека обврска за формирање на партиципативното тело за ГУП има Советот на Скопје, преку Комисијата за верификација, а не градоначалничката. Тие како Комисија воопшто и не знаеле дека градоначалничката распишува огласи за партиципативното тело, се додека таа од нив не побарала да го поништат последниот, четвртиот оглас.

„Во однос на генералниот урбанистички план ние како советници немаме никаква информација во однос на активностите што се преземаат во оваа насока. Иако многупати досега сме се обиделе да воспоставиме комуникација со градоначалничката и со Град Скопје, досега не добивме ниту една информација. Единствено што имаме како информација е дека се распишани четири конкурси за партиципативното тело кое знаете дека е една од законските обврски кои што треба да следат при разгледување на ГУП и претставува нешто што му дава транспарентност на целиот процес бидејќи во тоа тело треба да членуваат луѓе кои се експерти, граѓани и така натаму. Комисијата за верификација, која е составена од членови на различни политички партии, досега како информација има добиено дека конкурсот за партиципативното тело е распишан четирипати, месеци наназад и трипати поништен. Четвртиот пат се уште не е поништен и она што сакам да го споменам е дека ние како Комисија немавме никаква информација за се она што претходело за распишувањето на овие конкурси, додека истото тоа е обврска на самата Комисија“, вели Марија Андоновска, претседателка на Комисијата за верификација во Советот на Скопје.

Партиципативното тело за подготовка на ГУП брои петнаесет членови од кои шестмина се предлог на градоначалникот, а останатите деветмина треба да ги  избере Советот на Скопје. Комисијата за верификација треба да распише конкурс за нив, да ги разгледа сите апликанти и да ги предложи на Советот кој со гласање ја носи конечната одлука.

„Ние како Комисија за верификација немавме информација зошто градоначалникот и Град Скопје досега распишале четири конкурси без ние да бидеме информирани. Од тие четири конкурси три се веќе поништени, а за четвртиот се бара од нас како Комисија за верификација да го поништиме. Ние и тоа ќе го направиме, во интерес процесот а продолжи понатака Но не можеме да го направиме тоа и да бидеме соучесници во некој незаконски спроведен процес без при тоа правниот сектор или градоначалникот да ни дадат нас информација, на писмено, зошто е тоа направено без знаење, зошто тие,  како ненадлежни, ги отвориле овие огласи и тоа четирипати и зошто ги поништиле трипати. Зошто немало никаква транспарентност досега. Да ни ги кажат мотивите и да ни кажат правен начин како ние би можеле да продолжиме понатака, а од друга страна да не сме соучесници во еден ваков процес“, вели Андоновска.

Дека активностите за новиот ГУП за Скопје запнале кај партиципативното тело сведочи и координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Скопје Љубица Јанчева. На прашањето до каде е постапката за новиот ГУП таа вели дека е извесна само одлуката за потребата од нов план.

„Постапката е најверојатно до одлуката за носење на нов генерален урбанистички план која е донесена, веќе далечната, 2019 година. Велам далечната зашто се поминати веќе четири години Земајќи го предвид дека во меѓувреме имаше и корона и она што ни се случи со здравствената криза, нема оправдување, крајот на 2023 година сме, ние како Совет да немаме никаква информација. Она што беше во делот на генералниот урбанистички план што досега поминало, во овој советнички мандат е Деловникот, а тој е за партиципативното тело од областа на урбанизмот кое е една од алките во носење на генералниот урбанистички план. Друго ништо На нашите советнички прашања, повеќе пати сме го поставувале тоа прашање, никогаш не добиваме одговори. Можеби градоначалничката еве на ваков начин ќе се одважи па својата улога како градоначалник, како еден од двата органи во Град Скопје,  ќе ни даде информација до каде е. Во секој случај, веќе од старт доцниме две години“, вели советничката Јанчева која за да изгради став по новиот ГУП ќе ги чека предлозите на стручните лица, но се надева дека она што се случува со Дебар Маало нема да се повтори.

Н формирање на партиципативното тело чека и архитектот Мирослав Грчев кој, заедно со тим од Институтот за урбанизам при Архитектонскиот факултет, ја изготви планската програма за новиот ГУП, односно документот кој ги дава основните насоки за планирање Грчев вели дека за него не е изненадување тоа што подготовката на ГУП доцни. Планската документација, како документ, вели дека ја предале во Градот пред една година кога запрела комуникацијата со градските служби.

„Не ме изненадува тоа што ГУП доцни. И уште ќе доцни оти не може преку ноќ да се завршат сите предвидени фази. Велам не ме изненадува оти знам дека има проблеми со формирањето на партиципативното тело за ГУП, а без тоа тело постапката не оди понатака. Ова тело, на пример, треба да ја одобри планската документација, тоа е првиот документ врз основа на кој се прави планирањето. Ние ја предадовме во Град Скопје пред една година, но еве една година нема партиципативно тело, нема кој да ја одобри па таа не може официјално да стигне во Агенцијата за планирање на просторот која го изготвува новиот ГУП за Скопје“, вели архитектот Грчев за „Макфакс“.

Од Комисијата за верификација во Советот уверуваат дека ќе ја продолжат постапката за формирање на партиципативното тело за новиот ГУП, но откако правниот сектор во Град Скопје ќе им посочи законски начин за поништување на четвртиот оглас.

Продолжува…

Со овој текст „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

Текстот (Видео) Арсовска четирипати распишала оглас за партиципативното тело за ГУП што не e нејзина надлежност и трипати го поништила е превземен од МАКФАКС.

Facebook
Twitter
LinkedIn