Авион на „Ер Србија“ ги евакуира граѓаните на Македонија од Израел, јавуваат српските медиуми.
Во авионот на „Ер Србија“ имало вкупно 133 патници, од кои повеќето биле државјани на Северна Македонија, а имало и државјани на Србија и Црна Гора, кои ќе го продолжат патувањето од Скопје до Белград, според написите.
„Го добивме и последниот патник во авионот. Ви посакувам сè најдобро и ве поздравувам од амбасадите на Србија и Северна Македонија, конзулатот на Црна Гора и Амбасадата на Албанија, од моите драги колеги, кои организираа сè. Првин летате за Скопје, па за Белград. Внимавајте и се надевам дека ќе се видиме во подобри времиња. Сè најдобро“, изјави Душан Вујовиќ, вршител на должност во Амбасадата на Србија во Израел.
Полетувањето на авионот од Тел Авив патниците го дочекале со извикот „Да живее Србија“.
Инаку, од македонската влада вчера беше соопштено дека ќе ги сноси сите трошоци за летот.
„Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиопревоз со Израел предизвикот за организирање на овој чартер-лет беше надминат во соработка со ‘Ер Србија’ за превоз на граѓаните што побараа помош“, беше наведено вчера во официјалното соопштение.
Текстот (Видео) Авион на „Ер Србија“ евакуира Македонци од Израел е превземен од МАКФАКС.